Претходна статија
Град Скопје сеуште чека инвеститори за изградба на објект на местото на бараките во Градскиот парк
Следна статија
Паркирањето кај спортската арена „Филип II Македонски“ ќе се решава со подземни и катни гаражи

Ќе се потрошат нови 700 илјади евра за дополнителни работи во „Стариот театар“

Објавено на 19.09.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Министерството за култура во текот на вчерашниот ден потпиша уште еден договор со австриската компанија „Штрабаг АГ“ за дооформување на идното седиште на Македонскиот народен театар. За изведување на дополнителни и непредвидени работи на објектот „Стар театар“ кои не се вклучени во основниот договор ќе се потрошат 42.730.316 денари или околу 700 илјади евра. Со истиот субјект во април годинава веќе беше склучен договор надвор од предвиденото во износ од 365 илјади евра за занаетчиско ентериерни работи, мебел, опрема, орнаментика и осветлување. Во објавените информации на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки не се наведува конкретно во кои цели ќе се инвестираат финансиските средства, но судејќи според моменталниот степен на комплетираност на зградата, се очекува тие да се потрошат за целосно завршување на ентериерот на театарот.

 

Со склучувањето на последниот договор, дефинитивно се одложува за дополнителни осум месеци финализирањето на ова здание од проектот „Скопје 2014“, така што свеченото пуштање во употреба на „Стариот театар“ би се одржало најрано во мај 2013 година, под услов да се почитуваат роковите од договорот. Објектот започна да се гради со поставување камен – темелник пред повеќе од шест години. Првичната најава за финансиската конструкција на архитектонскиот дел од проектот изнесуваше над 6 милиони евра, а досега потрошената сума достигна преку 26 милиони евра.

 

Идното седиште на Македонскиот народен театар е предвидено да има две сцени, големата сала со капацитет од 756 седишта и малата сцена која ќе има 236 седишта. На фасадата од објектот ќе се изведат 46 скулптури, додека барокниот ентериер ќе биде составен од позлатени тавани, ѕидови, театарска сала и мебел. Во внатрешноста на театарот ќе се постават и уметнички слики како и специјално осветлување. Идејното решение за „Стариот театар“ го изработи архитектот Јован Стефановски – Жан, градежните работи ги изведува компанијата „Бетон“ од Штип, а ентериерното уредување на објектот го реализира „Штрабаг АГ“.

 

 

» Форумска дискусија за „Стариот театар“