Македонската влада на вчерашната седница ја усвои информацијата за основање на туристичка развојна зона „Матка“ и му даде препорака на Град Скопје во рок од 30 дена да обезбеди постоечка документација за изградба на спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“ во општина Сарај. Ваквиот владин потег за заживување на најголемиот центар за спорт и рекреација во Скопје доаѓа точно една година по усвојувањето на одлуката на Град Скопје за изработка на проект за ревитализација на „Езеро Треска“. Од градскиот буџет за 2019 година се издвоени 3.000.000 денари за изготвување на неопходната документација, но за нивна изработка е потребно да се издвојат средства и од буџетот на општина Сарај.
Идејата за инвестирање во повторна обнова на овој спортско – рекреативен центар се провлекува со години наназад, но властите ниту еднаш не успеаја да пронајдат адекватен модел за вложување во комплексот. Претходната влада најпрво во 2013 година ја донесе одлуката за да се префрли сопственоста на објектите од „Езеро Треска“ на општина Сарај. Градот Скопје таа година ја изработи и физибилити студијата за утврдување на оправданоста од пронаоѓање приватен партнер што би инвестирал во комплексот. Сепак, до денешен ден не се пронајде приватен партнер што би бил заинтересиран за вложување во спортско – рекреативниот центар, додека во меѓувреме централната и локалната власт си ја префрлаат надлежноста и неопходните обврски околу одржување на самиот објект.
Главната причина за уназадувањето на спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“ беше проблемот со недостиг на адекватен систем за прочистување на водите од реката Треска, коишто се користат за полнење на езерското корито. Во меѓувреме, на реката Треска се изградија пречистителни станици за отпадни води во Сарај и во Кичево, кои ја подобрија досегашната категорија на квалитет на речните води. И покрај тоа, недоволните средства што се одвојуваат за одржување на спортско – рекреативниот центар доведоа до значителни оштетувања на изградените угостителски објекти и санитарни јазли, а во последно време забрзано пропаѓаат и поставените приколки за кампување. Просторот околу „Езеро Треска“ веќе неколку години наназад е претворен во дива депонија за фрлање отпадоци.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk