Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, евроамбасадорот Самуел Жбогар и скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска го означија почетокот на градежните работи за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води во градот Скопје. „Со изградбата на колекторите на левиот и десниот брег на реката Вардар, Градот Скопје успешно ќе ги собира урбаните отпадни води со што санитарно – хигиенските услови во централното градско подрачје ќе бидат значително подобрени“ изјави министерот Садула Дураки.
*Извор на фотографија: Град Скопје
„Со изградбата на колекторите на двете страни на реката Вардар до 2020 година, ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје“ изјави градоначалникот Петре Шилегов. Проектниот договор предвидува изградба на колектор на десниот брег на реката Вардар во должина од 3,4 километри и тоа од булевар „Србија“ до Железничкиот мост при што во него ќе се слеваат отпадните води од постојната пумпна станица „Горно Лисиче“. На левиот брег на реката Вардар во должина од 4,5 километри ќе се изгради колектор од точката на моменталното празнење на постојната канализациска мрежа до железничката пруга и изградба на колектор од пумпната станица „Макошпед“ до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на реката Вардар.
Инвестицијата во овој инфраструктурен проект е финансирана со средства од Европската Унија во износ од над 9 милиони евра и е ко – финансирана од државниот буџет на Македонија во висина од 15%. Крајниот рок за завршување на овој проект е февруари 2020 година.