Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави оглас за избор на проектантска куќа што ќе ја изработи техничката документација на ниво на основен проект и измена и дополна на проектот за инфраструктура за регионалниот пат од Куманово до границата со Република Косово. Проектната документација за делницата Опае – Белановце – Станчиќ ќе се изработи во рок од два месеца по склучувањето на договорот со најповолниот изведувач. За оваа намена е проценето дека ќе се потрошат околу 1,4 милиони денари од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Заинтересираните фирми имаат рок до 19 декември за да ги достават своите понуди на распишаниот оглас. По комплетирањето на проектната документација, со средства од државниот буџет ќе се продолжи со изградбата на патната врска од Куманово кон Косово. За оваа делница беше потпишан договор за изведба на патниот правец во мај 2013 година, но до денешен ден не се реализираше патното поврзување меѓу двете земји. Жителите од Куманово и од Липково во неколку наврати реагираа за потребата од изградба на директен патен правец што ќе го поврзува овој регион со Косово.