По 5 годишна пауза во реализацијата, Министерството за здравство повторно се сети на ветувањето за изградба на катни гаражи во рамките на постојниот Клинички центар – Скопје. Денеска е распишан тендерот за избор на проектант што ќе го работи идејниот, основниот и сообраќајниот проект со проектантски надзор за изградба на катна гаража во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Рокот за изработка на комплетната документација е 90 календарски дена по потпишувањето на договорот со најповолниот изведувач. Проектантските бироа имаат рок до 14 август за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка.
Предвидено е гаражата да се гради од челична конструкција и да биде од монтажно – демонтажен карактер, со цел брза и едноставна градба. Објектот на приземјето треба да има простор за деловно – трговска намена и посебен паркинг за болнички возила. Покрај предвидените паркинг места за корисниците на Клиничкиот центар – Скопје, катната гаража на самиот кров е зацртано да има платформа за хелиодром за ургентни потреби за транспорт на пациенти.
Изработката на идејниот, основниот и сообраќајниот проект со проектантски надзор за изградба на катната гаража е проценето дека ќе чини 4,6 милиони денари, без вклучен ДДВ.