Општина Аеродром распиша оглас за изработка на проект за изградба на нова детска градинка во скопската населба Мичурин. Архитектонско – урбанистичкиот проект треба да опфати градежна парцела со површина од 4.074 метри квадратни, додека ревидираниот основен проект ќе се однесува на идниот објект со површина од 2.500 метри квадратни. Како што се наведува во огласот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, за проектната документација е предвидено да се одвојат околу 900.000 денари.
Понудите за учество на објавениот тендер треба да се достават најдоцна до 28 септември, за кога е закажано и јавното отворање на понудите. Идниот проектант ќе има рок од 60 дена за да го изработи проектот за изведба на детската градинка. По комплетирањето на проектната документација, општина Аеродром ќе треба да обезбеди средства за подигање на овој објект.
Населбите Мичурин и Стар Аеродром се делови од Скопје коишто во моментов се соочуваат со големи проблеми за обезбедување на место во претшколските установи, при што листите за запишување во градинка се за неколку пати подолги од постојниот капацитет на објектите.