Општина Штип бара градежна фирма што ќе ја изведува а.б. платформата за паркирање над реката Отиња во централното градско подрачје. Паркинг платформата кај трговскиот центар требаше да биде изградена од претходното општинско раководство уште пред повеќе од пет години, но до денешен ден овој проект не е реализиран. Новата општинска власт планира да издвои околу 11,2 милиони денари за овој градежен зафат. Со проектот би се зголемил бројот на паркинг места во Штип, со што ќе се ублажи постојниот сообраќаен метеж во градот.
Рокот за изведба на втората паркинг платформа во Штип е 60 дена од денот на воведување во работа на избраниот изведувач. Склучениот договор со најповолниот понудувач ќе биде со времетраење од 12 месеци. Градежните фирми имаат рок до 5 април за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Изведбата на втората паркинг платформа во Штип ќе се одвива паралелно со изведбата на финалната фаза од проектот за уредување на коритото на реката Отиња.