Претходна статија
Од ветувањето за нов објект за театарот и библиотеката во Тетово останаа само рендери
Следна статија
Доцни санацијата на коритото и изградбата на платформите на реката Отиња во Штип

Ќе се испитува влијанието врз животната средина на „Луково поле“

Објавено на 15.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска публикуваше оглас за избор на консултантска компанија што ќе го изработи документот за стратешка оценка за влијанието врз животната средина на урбанистичко планската документација за проектот „Луково поле“. Со студијата треба да се предложат соодветни мерки за избегнување или намалување на негативните влијанија и зголемување на позитивни ефекти од камено – насипната брана, која е предвидено да се гради на територијата на Националниот парк „Маврово“ [»мапа]. Анализата треба да даде препораки за заштита на животната средина, постигнување одржливост и да понуди мерки за ублажување на евентуалното негативно влијание од реализацијата на овој енергетски објект. Сите заинтересирани компании треба да ги достават своите понуди за изработка на документацијата најдоцна до 20 февруари.

 

 

 

 

Од ЕЛЕМ не излегуваат со информации во врска со тоа кога ќе започне изградбата на „Луково поле“. Германската консултантска компанија „Поири инфра“ веќе ја изработи студијата за влијание врз животната средина од реализацијата на овој проект. Општина Дебар во текот на минатата есен отворено се спротивстави на плановите за изградба на акумулацијата „Луково поле“, поради можноста за одземање на дел од водите на реката Радика и нарушување на биодиверзитетот во дебарската околина. На опасностите за уништување на природната средина и за исчезнување на балканскиот рис укажаа и од европската невладина организација „Бенквоч“ (Bankwatch). Изградбата на овој енергетски објект беше предвидено да започне во текот на 2012 година, но изведбените активности сеуште не се започнати, ниту пак е избрана градежна компанија за оваа цел.

 

Во проектот „Луково поле“ е предвидено да се инвестираат 62 милиони евра, од кои околу 52 милиони евра ќе бидат обезбедени преку кредит од Светската банка. Вештачкото езеро треба да акумулира 39 милиони метри кубни вода со кои ќе се произведува електрична енергија во мавровските хидроелектрани и планираната хидроелектрана „Црн камен“ околу три километри низводно од браната. Дел од проектот е изградба и на 20-километарски доводен канал „Корабски води“ со два тунели, кој со помош на пет зафати ќе носи дополнителни води од планината Кораб во акумулацијата. Според публикуваните информации од државната компанија ЕЛЕМ, камено – насипната брана „Луково поле“ ќе биде висока 71 метри, со должина на круната од 321 метри.