Жителите на општина Гази Баба конечно ќе добијат пешачки мост над автопатот Скопје – Петровец, со што ќе се создадат услови за надминување на опасните претрчувања на пешаци преку оваа фреквентна делница. Градот Скопје бара градежна компанија за изведба на натпатникот над автопатот Скопје – Петровец, на локацијата km 2+350. Проценката на градските власти е дека за градежните работи ќе треба да обезбедат околу 600 илјади евра. Заинтересираните компании можат да достават понуди најдоцна до 31 октомври, за кога е закажано и нивното јавно отворање.
Жителите на населбите Автокоманда и Хиподром веќе неколку години бараат изградба на пешачки мостови за да се реши проблемот со необезбедниот премин на пешаците над автопатот. Како две локации за изведба на вакви инфраструктурни објекти се посочени булеварот „Александар Македонски“ кај фабриката „Алкалоид“ во населбата Автокоманда и излезот од Скопје кај населбата Хиподром. Градот Скопје во август 2012 година објави оглас за изградба на пешачки мост кај бензинската пумпа на „Лукоил“ во Автокоманда, но до денешен ден овој мост не е реализиран.