Во рок од 14 месеци, Министерството за внатрешни работи планира да изгради нова полициска станица во Ѓорче Петров, на локација во близина на црквата „Св. Петар и Павле“. Објектот ќе има три ката и корисна површина од 3.210 метри квадратни, а покрај простории наменети за полициските службеници, во него ќе бидат сместени и пожарникарите од противпожарната единица во Ѓорче Петров. Како изведувач на градежните работи е избрана фирмата „Промонтинг“ од Скопје, која понудила најниска цена во конкуренција на 12 понуди.
За реализација на новата зграда на полициската станица „Ѓорче Петров“ се предвидени 52.024.150 денари или околу 845 илјади евра. Изградбата на новиот објект треба да почне наскоро, ако се земе во предвид дека е комплетирана и неговата проектна документација. На местото на постоечката стара барака на полициската станица во оваа скопска општина, предвидено е да се гради паркиралиште за станарите од околните згради.