Претходна статија
Се бара архитектонско-урбанистички проект за нова градинка во Куманово
Следна статија
Нова еко населба кај Бардовци и Злокуќани

Ќе се дислоцираат „барокните“ галии од коритото на Вардар

Објавено на 24.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов издаде налог за почнување на постапка за дислоцирање на трите галии од минор коритото на реката Вардар во централното градско подрачје. „Ги испитуваме позициите на трите објекти и визави таа позиција ќе бидат донесени соодветни решенија. Галиите во Вардар се небезбедно решение за граѓаните на Скопје“ изјави градоначалникот Шилегов. Од Град Скопје сметаат дека овие објекти со својата локација во коритото на реката Вардар се потенцијална опасност за предизвикување поплави при поголеми врнежи и зголемување на протокот на вода.

 

 

Во моментов, галијата лоцирана кај седиштето на МЕПСО не работи, додека останатите два објекта непречено функционираат како угостителски објекти. За нивната изведба беа избрани приватни инвеститори од страна на Град Скопје, кои вложија во овие објекти. Градската власт ги плати приклучоците за водовод, канализација и електрична енергија на „барокните“ галии. За возврат, приватните инвеститори требаше да му плаќаат кирија на Град Скопје во период од 10 години. Првата галија беше отворена во 2014 година, но набрзо потоа истата престана да работи. Воедно, раководството на Општина Центар во мај 2012 година во урбанистичкиот план „Мал Ринг“ вметна дури шест маркички за изградба на вакви бродови во коритото на реката Вардар.