До крајот на мај или најдоцна до средината на јуни ќе биде распишан тендер за избор на концесионер за изградба и оперирање со една трамвајска линија во Скопје. Ова денес го соопшти градоначалникот Коце Трајановски, додавајќи дека концесионерот покрај изградбата на инфраструктурата, ќе треба да го набави и возниот парк. Според него, вредноста на инвестицијата се проценува околу 170 до 180 милиони евра, а периодот на концесија би изнесувал 35 години. Доколку работите одат според планираното, концесионерот ќе биде избран до крајот на годинава.
„Студијата покажа дека исплатливоста е на граница и сега се разгледува можноста ние како град Скопје да учествуваме во финансиската конструкција. Доколку има потреба може да побараме и помош од владата“ изјави градоначалникот.
Трамвајската линија ќе ги поврзува населбите Ново Лисиче и Ѓорче Петров, минувајќи по булеварот Јане Сандански, центарот на градот, и булеварот Партизански Одреди. Според планот на градските власти, нема да има издвојување на шинскиот превоз, односно трамваите ќе се движат по постоечките сообраќајници.