Претходна статија
Привршува проширувањето на „Александар Македонски“ во Прилеп
Следна статија
Градскиот базен во Штип ќе прерасне во регионален спортски комплекс и спа - центар

Ќе има ли повторен прекин во инвестирањето во соларни електрани?

Објавено на 17.04.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Субјектите заинтересирани за инвестирање во фотонапонски електрани се соочуваат со проблеми во реализацијата на нивните проекти. Вкупната инсталирана моќност за повластените производители на електрична енергија од сонцето е целосно исполнета, а македонската влада нема донесено нова одлука за зголемување на постоечките квоти. Според информациите објавени од Регулаторната комисија за енергетика, оние компании што не се стекнале со статусот повластен производител на електрична енергија ќе може да ја продаваат истата по цени кои не се регулирани од страна на ова тело. На сите нови инвеститори досега им беше загарантирана цената од 16 евроценти за киловат – час електрична енергија кај соларните електрани со моќност помала од 50 киловати, како и 12 евроценти за фотонапонските централи со инсталирана моќност поголема од 50 киловати.

 

Заклучно со 9 април, на списокот на Регулаторната комисија за енергетика се впишани 110 енергетски објекти што е предвидено да го користат сонцето за производство на електрична енергија, од кои 36 веќе се изградени и пуштени во употреба на неколку локации во земјава. Домашните и странските компании досега вложиле во 23 фотонапонски електрани со инсталирана моќност помала од 50 киловати, чија вкупна моќност изнесува 1.009 киловати. Во делот на енергетските објекти со моќност до 1 мегават, во изминатиов период биле пуштени во погон 13 енергетски капацитети, со вкупна моќност од 7.219 киловати. Останатите инвеститори во наредниот период ќе треба да ги доградат соларните електрани, по што и официјално ќе можат да аплицираат за повластен производител на електрична енергија од сонцето.

 

Прекин во постапката за издавање на привремени решенија за стекнување на статус на повластен производител имаше на крајот од 2012 година, а на македонската влада тогаш и беа потребни речиси шест месеци за да донесе одлука за зголемување на квотите за продажба на електричната енергија од сонцето по повластени откупни цени. За разлика од европските земји, во Македонија во изминатиов период се инвестираше првенствено во помали енергетски објекти што го користат сонцето како обновлив извор за производство на енергија.