Овластен градежен инспектор на Општина Центар денеска ја казни фирмата-изведувач на надземната улица на Кејот „13 Ноември“ во центарот на Скопје. Локалните власти информираат дека при надзорот над градилиштето сите вработени на терен побегнале од локацијата. Како и претходно, Општина Центар констатира дека не се исполнети елементарни услови за одвивање на градежните работи.
„Инспекторот констатираше дека градилиштето не ги исполнува предвидените законски норми, не е заградено, не е обезбедено и нема видливо поставена табла на која стојат податоците за инвеститорот, изведувачот, надзорот и што се гради“ информираат локалните власти. Заедно со градежниот инспектор, на терен денеска излезе и градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.
Во текот на изминатиот викенд, изведувачот на надземната улица набрзина успеа да промени голем дел од павер елементите на скопскиот кеј. Наспроти предупредувањето дека инвеститорот ќе ги сноси трошоците за враќање на локацијата во првобитна состојба, градежните работници продолжија со својата работа. Општина Центар веќе еднаш издаде решение за сопирање на градежните работи на Кејот „13 Ноември“, а во меѓувреме и го промени Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ со што е исфрлена планираната надземна улица.