Претходна статија
Во скопската железарница ќе се гради нов објект од тешката и загадувачка индустрија?
Следна статија
Изложба „Архитектите за европско Скопје“ на 5 ноември во МОБ

Кавадарци со приватен партнер сака да ги реконструира спортските објекти

Објавено на 02.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Кавадарци ќе изработи физибилити студии со кои ќе ја определи оправданоста од пронаоѓање приватни партнери за реконструкцијата и доградбата на спортските објекти на нејзината територија. Деновиве е распишан огласот за изготвување на три консултативни документи, со кои ќе се утврди можноста за реализација на јавно-приватно партнерство при реконструкцијата на градскиот базен и неговото уредување со реквизити за спорт и рекреација на вода, реконструкцијата на комплексот „Ла Луна“ со дополнителни СПА содржини и довршувањето на неизградениот дел од спортскиот центар „Јасмин“.

 

Локалните власти очекуваат консултантoт да ја подготви тендерската документација за доделување на договорите за јавно-приватно партнерство и да го определи моделот на договор со идниот приватен партнер. Доколку се оцени дека не постои оправданост за пронаоѓање концесионер за овие спортски објекти, тогаш општина Кавадарци ќе формира јавно претпријатие што би управувало со овие објекти.

 

Општина Кавадарци е проценето дека ќе издвои околу 590.000 денари за подготовка на физибилити студиите. Консултантските компании имаат рок до 12 ноември за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка. Доколку целокупната постапка се одвива во согласност со предвидената динамика, идниот модел за управување и натамошен развој на спортските капацитети во Кавадарци ќе се знае на почетокот од 2019 година.