Локалната власт од општина Центар се откажа од проектот за изградба на барокна катна гаража до зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“ [»мапа]. Планираниот кредит во висина од 3 милиони евра за изведба на седумкатниот објект нема да се подигне и ќе се бара спогодбено прекинување на договорот со банката. Од Општината напоменуваат дека во моментов приоритет е изградбата на градинки, улици и зеленило, а не катната гаража. Засега е непознато дали ќе се промени урбанистичкиот план во насока на давање на друга намена на градежното земјиште. Претходната локална власт сакаше на оваа локација да подигне катна гаража со деловен простор, со вкупна површина од 8.438 метри квадратни. Планираниот капацитет за паркирање беше 189 возила, додека со намена за деловно – трговски содржини беа планирани 1.025 метри квадратни од приземјето и првиот кат на објектот.
Покрај договорот за кредит со избраната банка, локалната самоуправа од Центар ќе треба да изнајде решение и за веќе потпишаниот договор за изградба на објектот. На тендерот што се спроведе на крајот од минатата година како најповолен понудувач беше избрана компанијата „Пелагонија АД Гостивар“, на која треба да и се исплатат финансиски средства во висина од 238 милиони денари или околу 3,78 милиони евра. Катната гаража до некогашна „Нова Македонија“ започна да се гради на почетокот од февруари годинава, а проектот од претходното општинско раководство беше обелоденет во октомври минатата година.