Претходна статија
Возниот ред на Македонски железници пред колапс
Следна статија
1,2 милиони патници на македонските аеродроми во 2014 година

Каска изградбата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Објавено на 06.01.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И по една година од рушењето на некогашниот објект на Гинеколошката клиника, изградбата на новиот Клинички центар сè уште не е започната на терен. Откако целосно се заврши со рушењето, во моментов се чека ревизијата на изработената проектна документација за планираниот здравствен комплекс со површина од 61.500 метри квадратни. Министерот за здравство Никола Тодоров пред еден месец најави дека градежните активности на овој објект ќе започнат на крајот од првиот квартал на оваа година. Периодов се врши двојна ревизија на проектната документација, побарана од страна на Банката на Советот на Европа како финансиер на неопходните 70 милиони евра за реализација на најкрупниот проект во македонското здравство.

 

 

 

Во претстојниот период е неопходно да се почека и на исходот од тендерот за избор на градежна компанија што ќе ги изведува работите на новиот Клинички центар. Покрај доцнењето во реализацијата на проектот за овој здравствен објект, каска и планираниот зафат за изградба на две катни гаражи, со кои ќе се реши проблемот со паркирањето во кругот  на највисоката здравствена установа во земјава. По првиот неуспешен обид од 2013 година, Министерството за здравство во периодот до 15 јануари треба да го избере најповолниот приватен партнер што треба да ги изгради гаражите со вкупен капацитет од 2.500 паркинг места.

 

Изградбата на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ се ветува неколку години наназад. Пред неколку години се планираше и целосна преселба на здравствениот комплекс, и тоа од подножјето на Водно на нова локација надвор од градот. Сепак, надлежните власти се откажаа од оваа идеја. Во планираното здравствено здание ќе бидат сместени сите клиники, со исклучок на Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести, Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во постоечките објекти. Новиот објект ќе биде поврзан со сегашната зграда на Хируршките клиники, со новата Клиника за гинекологија и со Клиниката за онкологија.

 

Новиот Клинички центар треба да се комплетира најдоцна до 2017 година. Проектната документација за овој здравствен комплекс веќе е завршена. Идејното решение за идниот објект во вредност од 1,3 милиони евра го изработи „Арен С.Р.Л.“ од Италија. За проблемите околу доцнењето на изградбата на овој здравствен комплекс пишуваше и информативниот портал „Нова ТВ“.

 

 

Бојан Блажевски