Претходна статија
Објектот на „Вардар филм“ во постапка на реконструкција
Следна статија
Трета фаза од изградбата на охридското шеталиште

Карпошовци и оваа сабота ќе протестираат против новите урбанистички планови

Објавено на 28.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Граѓаните на скопската општина Карпош и оваа сабота со почеток од 12 часот ќе протестираат против донесувањето на новите урбанистички планови за населбите Тафталиџе, Карпош 3 и 4. Жителите на овие скопски населби бараат од Општина Карпош под итно да ги повлече донесените урбанистички планови за населбите Карпош 3 и Тафталиџе, кои беа изгласани од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ на општинската седница што се одржа на 5 јануари годинава. „Нема да дозволиме Карпош да стане Дебар Маало. Нашата цел е повлекување на плановите за Тафталиџе, за Карпош 3 и на планот за Карпош 4, со кои се уништува зеленило и се предвидуваат згради на местата каде што сега има куќи“, велат од иницијативниот одбор за заштита на Карпош.

 

 

 

Граѓаните од трите скопски населби стравуваат дека со новите урбанистички планови ќе се отвори можноста за изградба на станбени згради, паркинзи и деловни објекти на дел од постоечкото зеленило и дрвја во населбите. Дополнително, граѓаните од населбата Тафталиџе сметаат дека измените во урбанистичкиот план ќе овозможат изградба на нови станбени згради во овој дел од општината, каде во моментов се наоѓаат индивидуални домови кои тие не сакаат да ги рушат за да градат згради. И покрај реакцијата на граѓаните, Општина Карпош на својата веб – страница до денешен ден ги нема објавено донесените урбанистички планови за Карпош 3 и Тафталиџе, со што граѓаните би можеле да се запознаат со она што е изгласано од владејачките советници.

 

Кон реакциите на граѓаните, деновиве се приклучија и жителите од скопската населба Карпош 4. Во соработка со УСАИД, тие имаат изготвено Физибилити студија и Катастар на зеленило за населбата. Со овие документи, тие сакаат со аргументи да и се спротивстават на локалната самоуправа дека предложениот урбанистички план за Карпош 4 треба да се повлече. Локалната самоуправа треба допрва да ја донесе својата одлука во однос на предложениот ДУП-от за Карпош 4, за која жителите на Општина Карпош минатото лето побараа и собираа потписи за одржување на референдум.

 

„Сакаме урбанистички планови донесени заедно со граѓаните, а не во сомнителна постапка. Затоа продолжуваме и во сабота, за Карпош, за сите нас“, се наведува во објавата од граѓанската иницијатива што кружи на социјалните мрежи. Од иницијативниот одбор наведуваат дека протести против менувањето на урбанистичките планови за трите скопски населби ќе се одржуваат секоја сабота во наредниот период.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk