Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески го најави проектот за обнова на каналот Студенчишта, во чии рамки е предвидена изградба на марина и санација на околниот простор. Дел од каналот кој во моментов се користи за паркирање на пловните објекти ќе прерасне во модерна марина, при што за нејзината изградба ќе се употреби дрвен материјал за да се заштити животната средина. Предвидено е да се расчисти сметот во околината на каналот, да се постават нови клупи за одмор и ново осветлување на пешачката патека. Со проектот на Општина Охрид ќе се изгради и неопходната инфраструктура за прифаќање на пловните објекти, но и сопствениците на пловилата ќе плаќаат за нивното паркирање.
* Канал Студенчишта (извор: Општина Охрид)
Идејата предвидува уредување само на едната страна од каналот, која е под ингеренции на охридската локална власт. Зафатот би требало да заврши до следната туристичка сезона, а висината на потребните финансиски средства засега не се соопштува. Токму овој проект наиде на отпор од страна на Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Павле“ од Охрид, од каде сметаат дека со изградбата на марина ќе се уништи постечката флора и фауна во каналот Студенчишта. Атрактивната локација покрај брегот на Охридското езеро служи како мрестилиште и зимувалиште на рибите и тоа е една од причините поради која не се дозволува изградба на објекти во овој реон.