Министерството за труд и социјална политика ќе ја реализира идејата за изградба на нов сместувачки капацитет за азиланти во селото Визбегово. Градежната компанија „Гранит“ од Скопје е избрана за изведувач на градежните активности на предвидениот објект со станбени единици за лица со признаено право за азил. Рокот за изведување на проектот изнесува 12 месеци и се очекува тој да заврши во првата половина од 2014 година, а предвидените финансии се во висина од 31.645.124 денари или преку 510.000 евра.
Надлежното министерство пред неколку години ја реализираше првата фаза од изградбата на кампот за азиланти во ова населено место. Локалното население се спротивстави на остварувањето на овој проект преку блокада на патиштата. Целокупниот тогашен проект подразбираше изградба на затворено здание со површина од 12.000 метри квадратни, оградено со метална ограда, сообраќајници и зеленило.