Во Сарај денеска започна изградбата на средно училиште, прво во општината и 22-ро во надлежност на Град Скопје. Објектот ќе се простира на 1.700 метри квадратни и ќе располага со осум училници, четири кабинети и една училница – работилница. Во една смена е предвидено да може да прими по 350 ученици. „Градот Скопје и Општината Сарај ќе помогнат за инфраструктурно уредување на ова средно училиште, така што сите заедно ќе овозможиме училиштето да биде изградено за 12 месеци и следната година на 1 септември свечено да го отвориме“ изјави во оваа пригода градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Проектот за објектот е изработен од страна на „Идеја плус“, изведувач на градежните работи е фирмата „Алкон проект“, а надзорот го врши „Евро Консалтинг“. Финансиите потребни за изградбата во висина од 48 милиони денари ги обезбеди Министерството за образование и наука.