Германската компанија ВИК денеска ја започна изградбата на нов индустриски објект во технолошко индустриската развојна зона Прилеп. Инвестицијата ќе се одвива во неколку фази и е предвидено да изнесува околу 12 милиони евра. Фабриката е предвидено да се простира на површина од 10.000 метри квадратни и во неа е предвидено да се вработат 1.000 лица. Во индустрискиот погон ќе се произведуваат апарати за кафе кои ќе се пласираат на европскиот пазар. „Го чувствуваме добриот дух на луѓето и позитивната атмосфера која ја има тука. И затоа со голема доверба знаеме дека Прилеп и Македонија се наш одличен избор“ изјави Кристоф Доерн, менаџер на ВИК.
* Извор на фотографии: Општина Прилеп
Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески изјави дека во ТИРЗ Прилеп досега биле инвестирани 2.000.000 евра во изведба на комплетна инфраструктура. Индустрискиот објект е предвидено да се заврши до февруари 2018 година. Изведувач на градежните работи е штипската фирма „Актива“, додека надзорот над работите ќе го врши „Студио Атриум“ од Штип.