Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 17 месеци треба да добие нов објект на улица Ленинова бр.2, на местото каде што до неодамна се наоѓаше и старото седиште на ова министерство. Стариот објект почна да се руши во ноември минатата година, а вчера и официјално беше поставен камен темелникот на новата зграда. Таа се гради на основа од 1.800 метри квадратни и ќе има едно подземно и четири надземни нивоа, со вкупна површина од 7.573 метри квадратни. На подземното ниво кое ќе биде со површина од 1.605 метри квадратни е предвиден паркинг простор за 35 возила, додека вон објектот се зацртани уште 40 паркинг места. Изведувач на градежните работи е „Мавровоинженеринг“, а за надзорот е задолжен „Евроконсалтинг“.
За реализација на оваа инвестиција се обезбедени 4,5 милиони евра од Владата на Република Македонија и Светска банка преку Проектот за зајакнување на земјоделството и пристап кон ЕУ, а Општина Центар на почетокот на годинава се откажа од 200.000 евра кои требаше да ги наплати по основ на комуналии. Инаку Министерството за земјоделство со години имаше просторни проблеми и функционираше на пет различни локации. Во новиот објект ќе бидат сместени сите оддели на Министерството со што се очекува значително зголемување на ефикасноста, како и олеснување на процедурите за корисниците на услугите. Додека трае изградбата, службите се преселени во зградата на Министерството за економија, во населбата Капиштец.
Форумска дискусија за овој проект » овде