По повод денот на ослободувањето на градот, во Куманово денес беше поставен камен – темелник за изградба на базен. Новиот спортски објект ќе содржи затворен зимски базен, отворен летен базен и спа – центар на површина од 4.000 метри квадратни, додека 1.600 метри квадратни од планираниот објект се предвидени за комерцијални содржини. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 2,2 милиони евра и истата е поголема за 400.000 евра од првично најавената вредност на базенот во текот на септември оваа година.
Финансиските средства за овој спортски објект ќе се обезбедат од буџетот на општина Куманово. Засега не е избран изведувач на работите поради незавршената тендерска процедура и допрва следи изборот на најповолен понудувач за извршување на градежните работи. Од локалната самоуправа истакнуваат дека новиот базен во Куманово ќе треба да се изгради во рок од 18 месеци, почнувајќи од денот на започнувањето на градежните активности.
Бојан Блажевски