Претходна статија
Градежниците од Балканот ќе формираат конзорциуми за освојување на старите пазари
Следна статија
Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ повторно оживува

„Јужен тек“ пропадна, од каде Македонија ќе се снабдува со гас?

Објавено на 02.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Јужен потокПрекината е реализацијата на проектот „Јужен тек“. Рускиот претседател Владимир Путин и директорот на „Газпром“ Александар Милер во текот на вчерашниот ден објавија дека проектот нема да се реализира, обвинувајќи ја Европската унија дека намерно ја блокирала реализацијата на гасоводот. Македонската влада засега резервирано реагира на ваквата одлука на Русија, која одлучи својот извоз на гас да го пренасочи кон Турција. „Иднината на „Јужен тек“ е во рацете на Русија и на Европската Унија, така да не е прашање на кое ние можеме да влијаеме. Можеме да ги следиме состојбите, и ние работиме, работевме и ќе работиме на изнаоѓање алтернативни решенија“ изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Македонската влада кон крајот на јули 2013 година потпиша договор со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот „Јужен тек“. Претставниците на извршната власт тогаш изјавија дека со потегот е обезбедена енергетска иднина на земјата. По помалку од една и пол година, позицијата во која се наоѓа земјава во однос на снабдувањето со гас е неизвесна. Најавуваниот руски проект веќе го нема, а останува да виси прашањето до кога рускиот гас преку нестабилната територија на Украина ќе биде сигурен енергенс за обезбедување на непреченото работење на македонската индустрија и на функционирањето на домаќинства што го користат природниот гас.

 

Нашата земја се соочува со дополнителен проблем на целосна зависност од рускиот гас на „Газпром“. Долго ветуваната инфраструктура денеска се состои единствено од магистрален приклучок од Бугарија. Ниту една државна институција засега не споменува конкретна алтернатива, како што е можноста за приклучување кон Транс – јадранскиот гасовод (ТАП) или другите слични проекти што во иднина треба да црпат гас од Азербејџан и да го спроведуваат низ Турција. Од капацитетот на постоечкиот магистрален гасовод од околу 800 милиони метри кубни гас, македонските потрошувачи користат околу 20%.

 

Она што е загрижувачки за подолг временски период се големите проекти за гасификација што чекаат на реализација. Владата веќе ја привршува постапката за избор на меѓународна компанија која ќе ја гради и ќе стопанисува со дистрибутивната гасоводна мрежа во скопскиот регион, а подолго време се прават обиди за пронаоѓање приватни партнери и за гасификација на источниот и на западниот дел на Македонија. Меѓу стручната јавност се споменува идејата за гасификација на термоелектраните „Неготино“ и на „Осломеј“, како единствена можност овие стратешки енергетски објекти да продолжат со работа во подолг временски период. Сите овие амбициозни проекти бараат сигурен извор на природен гас во иднина и можност за избор помеѓу различни добавувачи.

 

 

Бојан Блажевски