Претходна статија
Кружните текови на „Туристичка“ во Охрид конечно реалност?
Следна статија
Хотел и голем трговски центар ќе се градат кај преминот „Богородица“

„Јужен поток“ или „Трансјадрански гасовод“, прашањето е сега

Објавено на 05.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонската влада да ја преиспита одлуката за приклучување на земјава со крак кон рускиот проект „Јужен поток“ и да размисли за приклучување кон Транс – јадранскиот гасовод (ТАП). Овие заклучоци се изнесоа на Конференцијата „Енергетска безбедност во Западен Балкан – политики и предизвици“, која во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и на тинк – тенк организацијата „Аналитика“ денеска се одржа во Скопје. Учесниците во дебатата се согласија дека земјава треба да се насочи кон искористување на повеќе и различни добавувачи на енергија, но истовремено и да се диверзифицираат постоечките извори на енергија.

 

Со слични размислувања неодамна излезе и претседателот на Европската енергетска заедница Јанез Копач, кој предупреди дека договорот на Скопје со Москва за проектот „Јужен поток“ не е во согласност со Законот за енергија на Европската унија. Во исто време, Македонија добива можност за приклучок со крак кон Грција, преку гасоводните траси со кои се протежираат стратешките енергетски интереси на ЕУ и на САД, првенствено преку проектот Транс – јадрански гасовод.

 

Грчкиот министер за животна средина Василис Манијатис во американскиот Центар за стратегиски меѓународни истражувања го претстави проектот со кој Грција би станала главната порта за снабдување на Југоисточна Европа со гас, со можности за екстензија на целокупната мрежа и кон Средна Европа. Според пренесените информации на Македонската информативна агенција, Грција ќе го замени проектот „Јужен поток“ и преку нејзина територија гасот ќе се доставува по планираната траса на Јужен Поток на север, како и по планираниот гасовод ТАП преку Албанија до Италија. Како извор на природниот гас за овие мрежи би бил Азербејџан.

 

Спогодбата помеѓу Владите на Македонија и Русија за соработка при изградбата на крак од гасоводот „Јужен поток“ беше потпишана во јули 2013 година. Со овој документ беше утврдено дека двете страни ќе го помагаат проектирањето, изградбата и користењето на гасоводниот крак, ако се утврди целисходност за неговата реализација. Ако се оствари овој политички чекор, тогаш монополот на снабдување со гас на нашата земја би го држела Русија, со која веќе постои и договор за доградба на постоечкиот гасовод меѓу Македонија и Бугарија, и тоа со крак од кумановското село Клечовце кон Неготино. Токму овој гасоводен приклучок црпи природен гас од Русија и се транспортира преку политички нестабилната Украина.

 

 

Бојан Блажевски