Претходна статија
ТЕМА: Намалена бројката на нови станови низ целата земја, ќе има ли зголемување на нивната цена?
Следна статија
Со 10 нови електрични возила ќе се чистат и мијат скопските улици

ЈСП – Скопје лани со 1,5 милиони патници помалку во однос на 2017 година

Објавено на 18.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Опаѓа интересот на граѓаните за користење на јавниот градски и приградски превоз во Скопје. Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП – Скопје) во изминатите 12 месеци од 2018 година превезло 44.726.781 патник, што е за над 1,5 милиони патници помалку во споредба со претходната година. Како што се наведува во објавениот финансиски извештај за работењето на ЈСП – Скопје, услугите на јавниот превоз во Скопје во 2017 година ги користеле 46.252.480 патници.

 

 

Паралелно со ова, во објавениот документ се наведува дека опаѓа и бројот на изминати километри на автобусите на оваа сообраќајно претпријатие. Превозните средства на ЈСП – Скопје во изминатата година минале 17.928.011 километри по улиците на главниот град, што е за 310.000 километри помалку во однос на 2017 година. Просечната старост на возилата на ЈСП – Скопје на крајот од 2018 година изнесувала 11,68 години, додека во возниот парк на ова јавно сообраќајно претпријатие се наоѓаат вкупно 417 автобуси. Од нив, дневно исправни автобуси биле 269, со кои се покривале релациите на градските и приградските линии во Скопје.

 

Јавниот превоз во Скопје е во слободен пад од година во година. Граѓаните на главниот град сѐ помалку патуваат со автобус до својата дестинација, за сметка на користењето на своите автомобили. Колку за споредба, услугите на ЈСП – Скопје во 2012 година ги користеле 52,2 милиони патници.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk