Претходна статија
МЖ - Транспорт руши неславни рекорди во превозот на стока и патници
Следна статија
Изложба и промоција на Архитектонски водич низ Невидливо Скопје

ЈСП „Скопје“ го објави тендерот за изградба на Панорамското тркало

Објавено на 30.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Проектот „Скопје 2014“ продолжува да зазема нови локации од централното подрачје на главниот град. Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ го публикуваше тендерот за изградба на Панорамското тркало во комбинација со нов мост, кој ќе служи како основа за негово подигање. Огромниот објект, со висина од 73 метри и дијаметар од 57 метри, ќе се гради помеѓу Камениот мост и мостот Гоце Делчев. Овој проект ќе почне да се реализира на почетокот од 2014 година и треба да се заврши во рок од 61 месеци. На тендерот можат да учествуваат домашни и странски компании, кои во последните три години имале минимален финансиски приход што не е помал од 5 милиони евра за секоја година поединечно.  Понудите од заинтересираните субјекти треба да се достават најдоцна до 31 јануари 2014 година.

 

 

 

Според првичните пресметки на ЈСП „Скопје“, за изведба на Панорамското тркало ќе се потрошат 12 милиони евра, финансиски средства што ќе се одвојат од буџетот на претпријатието во периодот од 2014 до 2018 година. Нејасно е од каде оваа фирма ќе ги обезбеди неопходните финансиски средства за проектот бидејќи истата секоја година добива субвенции од Град Скопје за покривање на загубите од нејзиното работење. Оттука, речиси е сигурно дека средствата сепак ќе дојдат од градскиот или државниот буџет.

 

Панорамското тркало ќе биде составено од 30 гондоли, при што секоја од нив ќе може да собере осуммина возрасни и две деца. Гондолите ќе можат да издржат тежина од максимум 750 килограми. Основниот проект за мостот и тркалото го изработи австриската „a2 Hotelconcept GmbH“, на која и беа исплатени 30 милиони денари. Идејното решение, пак, го изготви „Massabni architects GmbH“ исто така од Австрија. Двете архитектонски студиа ги поврзува Оливер Масабни, австриски архитект кој се споменуваше како дел од тимот кој ги проектираше двата хотели кои се градат на плоштадот „Македонија“.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект