Досегашните проблеми околу одржувањето на мостовите изградени на македонските патишта во иднина ќе се решаваат поефикасно и побрзо со воведување на систем за управување со мостовите. Со финансиски средства од Светската банка, Јавното претпријатие за државни патишта ги спроведува подготвителните активности за оформување на ваков систем, под чија капа би влегло управувањето со 467 мостови на државните патишта и 640 мостови што се наоѓаат на регионалните патишта низ земјава.
Консултанска компанија во наредните месеци ќе му помогне на ова јавно претпријатие во воспоставување на системот за управување на мостови, којшто првично беше воведен како студија во 2008 година од страна на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Оваа студија од пред 11 години овозможи формирање на база на податоци за 151 мостови, вијадукти и надпатници од автопатот Табановце – Гевгелија, со што се утврди нивото на нивна изложеност на опасности.
Наспроти ова, идниот систем за управување на мостовите на ЈП за државни патишта ќе ги покрие сите мостовски конструкции што се наоѓаат на македонските автопати, експресни патишта, вклучувајќи ги и останатите државни и регионални патни правци.