Основното училиште „Гоце Делчев“, детската градинка и Домот на културата „Илинден“ во општина Илинден во иднина ќе ги користат обновливите извори на енергија за греење и ладење на своите површини од околу 7.000 метри квадратни. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот на Илинден Жика Стојановски денеска го предадоа во употреба енергетско – ефикасниот систем за греење и ладење на три јавни објекти на територијата на оваа локална самоуправа. Проектот „Енергетска ефикасност во Јавните општински установи“ е во вредност од 26 милиони денари и истиот е поддржан од Меѓународната банка за обнова и развој и од Светската банка.
„Со примена на енергетско – ефикасни системи за грееење и ладење, со искористување на топлината на подземните води, се постигнуваат заштеди до 40 проценти од трошоците за електрична енергија и енергенси за затоплување, со што се овозможува подобрување на условите во образованието и образовниот процес, квалитетни услови за детска заштита, создавање на услови за развој на културата и културното живеење во општината, како и заштита на животната средина“, истакна градоначалникот Стојановски.
Општина Илинден е една од првите локални самоуправи во земјава што почна со примена на алтернативните и обновливи извори на енергија во јавните општински објекти. Во таа функција, локалните власти го изградија и првото модуларно средно училиште на територијата на земјава, кое е воедно и енергетски ефикасен објект.