Транспортното претпријатие „Авто Атом“ од Кочани ќе ја реализира идејата за воведување на јавен градски превоз во Кочани. Во договор со локалната самоуправа, предвидено е од 2 декември да започне вршењето на дејноста превоз на патници преку градски линии до населбата Бавчалук и населбата Оризари. Според информациите од општина Кочани, цената на патниот билет ќе изнесува 10 денари, а автобусите ќе сообраќаат секој ден во периодот од 08:00 до 20:45 часот. Градските линии ќе ги определи локалната власт, додека приватната компанија ќе ги добие соодветните дозволи за извршување на оваа дејност. „Авто Атом“ е една од поголемите автотранспортни фирми во Македонија со повеќе од 45 автобуси, меѓу кои и превозни средства за вршење на градски и приградски превоз.
Со реализацијата на оваа иницијатива, Кочани ќе се приклучи на другите македонски градови во кои е спроведен јавен градски превоз. Освен во главниот град, автобуски превоз за превоз на патници во градските средини досега е воведен во Битола и Куманово.