Претходна статија
За 18 месеци електронска наплата на патарина долж Коридор 10
Следна статија
Подобрување на економската и финансиската состојба во градежниот сектор

Ја бојкотираат ли архитектите наградата „АСК – Архитектура Скопје“?

Објавено на 13.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Бојкот на градската власт или апатија од севкупната состојба со валоризирањето на архитектонскиот труд во земјава? Градот Скопје и годинава по 16-ти пат ја организираше традиционалната манифестација „АСК – Архитектура Скопје“, со која се вреднува овогодишниот труд на архитектите и на градителите на главниот град. На годинешниов конкурс беа пријавени и селектирани единствено 8 архитектонски труда од 6 автори, што претставува значително помал број на доставени авторски проекти во споредба со минатите години. Колку за споредба, на 12-то издание на „АСК – Архитектура Скопје“ во 2010 година до Градот Скопје пристигнаа 45 проекти, од кои  тогашната комисија одбра 37 архитектонски дела што учествуваа во официјалната конкуренција.

 

* извор на фотографија: Град Скопје

 

 

Покрај исклучително малиот број на доставени архитектонски дела, Главната архитектонска награда не беше доделена. Од доставените осум проекти, само два се веќе реализирани во главниот град. Идентично како и Големата награда за реализиран архитектонски проект на БИМАС 2014, членовите на комисијата одлучија дека ниту едно од пристигнатите трудови не ги задоволува критериумите за да ја добие Големата награда. „Оваа година имаме скромна бројка на селектирани трудови, но не во квалитативна, во квантитативна смисла“, се нагласува во денешното соопштение на Град Скопје.

 

Покрај прикажаните авториски проекти, во Музејот на Град Скопје вчера вечер беше отворена и изложбата „Скопје – модели на град“, која е дел од проектот „Невидено Скопје“. Целта на овој проект е да се презентира урбанистичкиот развој на главниот град во трета димензија (макети, 3Д презентации и сл.) и да се доближи до пошироката јавност. Изработени се четири дигитални модели на четири урбанистички планови за Скопје на авторите Јосиф Михајловиќ и Лудјек Кубеш, урбанистичкиот проект за центарот на Скопје изготвен од Заводот за урбанизам и архитектура во 1965 година, како и Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ од 1997 година на Мирослав Грчев, Влатко Коробар и Мирјана Пенчиќ. На отворањето на синоќешната изложба присуствуваше скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

 

 

Бојан Блажевски