Министерството за економија преку јавно извлекување денеска ги одбра лицата што добија право на надоместок на 30% од трошоците за набавка и поставување на сончеви колектори. Министерот Ваљон Сарачини информираше дека до крајниот рок биле испратени 3.271 барања за надоместок од граѓаните, за што се предвидени 6 милиони денари, односно околу 97 илјади евра. „Тоа е навистина голема бројка, но радува и фактот што сè повеќе стануваме свесни дека со воведување на соларен термален колектор, едно домаќинство во својот дом годишно може да заштеди околу 2.400 kWh, а финансиските заштеди за една година би изнесувале околу 13.000 денари“, истакна во својот говор Сарачини. Максималната сума што граѓаните како помош можат да ја добијат од државата изнесува 300 евра.
Проектот за покривање на дел од трошоците за поставување на сончеви колектори во домовите започна во 2007 година. Досега 1901 домаќинство од земјава ја искористило оваа можност, а од државниот буџет за оваа намена се исплатени 27.855.001 денари. Граѓаните ја имаа можноста да учествуваат на јавниот повик преку доставување на барање, фискална сметка и фактура за извршено купување на колекторски систем, врз чија основа во наредните месеци ќе започне исплатата на надоместокот на извлечените добитници.