Претходна статија
И Велес догодина ќе ги изготви проектите за гасификација
Следна статија
Во 2019 година интензивна изградба на експресниот пат Штип - Кочани

Изложбата „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“ во музејот Бенаки во Атина

Објавено на 17.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во атинскиот музеј Бенаки вечерва беше отворена изложбата „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“, со која за прв пат пред грчката јавност се претставува темата за постземјотресната обнова на Скопје и за улогата на познатиот грчки планер на градови, Константинос А. Доксијадис. Изложбената поставка е подготвена од кураторскиот тим Калиопи Амигдалу, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков и Костас Циамбаос, додека помошник куратор е Христос Критикос.

 

 

Изложбата ќе трае до 17 февруари 2019 година, а во нејзини рамки е предвидено одржување и на неколку придружни настани. Пред официјалното отворање, денеска во Атина се одржа еднодневната меѓународна конференција „Иднината како проект/Доксијадис во Скопје“, на која со свои презентации се обратија Инес Толиќ, Костас Циамбаос, Влатко П. Коробар, Мароје Мрдуљаш, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков и Зоран Петровски. Во текот на утрешниот ден, предвидено е да се одржи презентација на објавената публикација како прилог кон оваа изложба.

 

Во грчката метропола постои голем интерес за актуелната изложба поврзана со постземјотресната обнова на Скопје. Значаен дел од самата изложбена поставка е оддекот во грчките медиуми за земјотресот што се случил во Скопје во 1963 година, но и прикажувањето на уделот што го има грчкиот тим околу Доксијадис во изработката на урбанистичко-планската документација за Скопје.

 

Изложбата и придружните манифестации во Атина се организирани од Музејот на град Скопје, Хеленскиот институт за архитектура и музејот Бенаки. Коорганизатори на настанот се Атина 2018 – Светска метропола на книгата – градот Атина (главен донатор е Фондацијата Ставрос Нијархос) и Градот Скопје.