Во рамки на воннаставната платформа „Нови дијалози“, на Архитектонскиот факултет на 30 ноември, во склоп на програмата „Талент“, свое излагање имаше архитект Павел Вељаноски, магистер на Архитектонскиот факултет при УКИМ и овогодишен добитник на архитектонската награда „Тигрите“. Како што информираат од Архитектонскиот факултет, Павел Вељаноски пред присутната публика се осврна на претставување на неговиот магистерски проект „Пејзажна инфраструктура – одржливо размислување при процесот на просторно планирање“.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Тој најпрво го образложи методот на истражување што го применил, од кој подоцна произлегле и клучните аспекти на просторната анализа на избраниот територијален отсечок – котлината Пелагонија. Идејата на трудот е вклучување на мноштво аспекти преку кои е и дефиниран пејзажот на Пелагонија со цел нивно соединување во една интегрирана производна целина, која освен со своите производни капацитети истовремено би го збогатила контекстот преку надоврзување на циркуларното функционирање на природните процеси и на таков начин дополнително би го стимулирала функционалниот капацитет на целокупниот предел.
Павел Вељаноски е првиот добитник на наградата за архитектура „Тигрите“, која Амбасадата на Република Полска во Скопје ја доделува за најдобро изработен магистерски проект на студент од Архитектонскиот факултет во Скопје. За време на студиите, тој три години бил вклучен во наставниот процес на факултетот.