Во рамки на воннаставната платформа „Нови дијалози“, на 28.11.2017 година на Архитектонскиот факултет при УКИМ се одржа второто предавање во склоп на програмата „Практископ“, каде свое излагање имаше архитект Мартин Пановски, еден од основачите на архитектонското биро Радиус архитекти од Скопје. Како што информираат од Архитектонскиот факултет, Мартин Пановски претставил два проекти за јавни објекти на кои работел пред формирањето на Радиус архитекти, а како партнер во архитектонското биро Студио 2000.
*Извор на фотографија: Архитектонски факултет
Тој во своето излагање се осврна на дел од многубројните архитектонски проекти кои Радиус архитекти успеале да ги реализираат изминативе неколку години. Од сите предизвици со кои тие се соочувале при проектирањето на претставените објекти, Пановски особено се осврна на проблемите со локациите за градење, најчесто во прегусто изградени урбани ткива, тешко пристапни, со сложена геометрија и топографија и со несоодветна комунална инфраструктура.
Во рамките на својот говор, архитект Мартин Пановски се задржа на една од највпечатливите реализации на Радиус архитекти – новиот деловен објект на „Прокредит банка“ во Скопје, отворен во 2016 година. Пановски објасни дека во конципирањето на нивната замисла за овој објект тие се воделе од идејата за отвореност, што како замисла потоа се обиделе доследно да го применат во секој сегмент на објектот – од раскошноста на внатрешниот простор, преку озеленетите рамни тераси, сѐ до порозноста на обвивката и пропуштањето на светлината кон внатрешноста на објектот.