Претходна статија
За две години издадени концесии за изградба на 49 нови мали хидроелектрани
Следна статија
Општина Аеродром го раскина договорот со Самсоненко за изградба на тениски центар

Изградени само 25% од пругата Куманово-Бељаковце на Коридорот 8

Објавено на 02.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И по три и пол години од почетокот на градежните работи, не се гледа крајот на проектот за изградба на пругата од Куманово до Бељаковце. Досега се завршени само 25% од градежните работи на првата фаза од проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, се наведува во денешната анализа објавена од државната новинска агенција МИА. Во текстот се наведуваат податоци од Министерството за транспорт и врски, во кои како проблем за застојот на работите се наведуваат нерешената експропријација на земјиштето низ кое минува пругата и археолошките наоѓалишта.

 

*Недоградената железничка траса од Куманово до Бељаковце

 

Од надлежното министерство не објаснуваат до кога ќе се заврши изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце. Сепак, плановите на владата се македонскиот главен град железнички да се поврзе со Крива Паланка до 2021 година. Тоа значи дека во наредните четири години би биле реализирани две фази од изградбата на пругата кон Бугарија. Изведбата на пругата од Куманово до Бељаковце започна во март 2014 година. За изведувач на градежните работи беше избрана германската компанија „Вибе“, додека проектната документација ја изработи австриската фирма ИЛФ. Вкупната должина на оваа железничка делница е 30,8 километри, за чија изградба е предвидено да се издвојат над 50 милиони евра.

 

Изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце требаше да биде завршена до 2016 година. Доцнењето на градежните работи на првата фаза од овој проект им нанесува најголеми проблеми на жителите од Куманово, кои се оневозможени да го користат возот како превозно средство до Скопје и останатите македонски градови. Постојната железничка станица во Куманово се наоѓа надвор од градот, додека трасата на пругата кон Бугарија минува кај Спомен костурницата, во близина на центарот на градот.