Во пресрет на свеченото пуштање во употреба на идното седиште на Македонскиот народен театар, Министерството за култура продолжува со склучувањето на нови договори во насока на дореализација на проектот. На крајот од февруари е потпишан уште еден договор со италијанската компанија „Ламоне Мореда“ во вредност од 41.662.554 денари или над 670.000 евра, со што вкупната сума за изградба на овој објект надмина 30 милиони евра. Предмет на најновиот договор е изработка, транспорт и монтажа на акустички и противпожарни врати. Изведувачот има рок од 60 дена за да ги реализира планираните градежно – занаетчиски работи.
Паралелно со обемните активности на градилиштето во изминатиов период, надлежното министерство од почетокот на годинава до денес потпиша дополнителни договори во вредност од речиси четири милиони евра. Неколку македонски ликовни уметници во моментов во Стариот театар го сликаат плафонот од големата театарска сала, додека пак италијанската компанија „Ламоне Мореда“ работи на довршувањето на партерот и на проширувањето на техничката врата на северната страна од зданието. Останува нејасно дали проектот ќе финишира до 27 март, кој веќе беше најавен како датум за свечено пуштање во употреба на објектот во кој ќе се смести ансамблот на Македонскиот народен театар.
Препознатливиот културен објект покрај реката Вардар се гради речиси шест години. Според изработениот проект на архитектот Јован Стефановски – Жан, зданието се состои од две театарски сали, големата со капацитет од 756 седишта и малата сцена која може да прими 236 гледачи. По неговото отворање, претставите на Македонскиот народен театар ќе се преселат од постоечкиот дотраен монтажен објект, кој во иднина е предвидено да се руши и на негово место да се подигне новиот театар Центар.