Претходна статија
Пуштена во употреба нова спортска сала во населбата Ченто
Следна статија
Планови за прва велосипедска врска меѓу два македонски града

Изградбата на нова термоелектрана во Неготино повторно се актуелизира

Објавено на 27.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) повторно ја актуелизира идејата од пред осум години за изградба на нова термоелектрана во Неготино и објави оглас за изработка на префизибилити студија за нова ТЕ Неготино со користење на јаглен од рудникот Неготино. Советодавниот документ треба да послужи за добивање генерални податоци за идната локација на енергетскиот капацитет, како и за евентуалната рентабилност од производството на електрична енергија со користење на јагленот. Префизибилити студијата ќе се изработи во рок од шест месеци и е предвидено да чини нешто над 50.000 евра.

 

 

 

Идејата за изградба на нова термоелектрана во Неготино се промовираше во периодот 2008-2011 година, во моментот откако македонската влада се откажа од продажбата на ТЕ „Неготино“ на странски инвеститор. Првичните најави на тогашниот министер за економија Фатмир Бесими беа дека ќе се изгради енергетски капацитет со моќност од 300 мегавати што ќе го користи јагленот од околниот регион. Извршната власт во 2009 година обелодени дека целокупната инвестиција ќе чини најмалку 400 милиони евра. Факултетот за природни и технички науки во Штип пред шест години утврди дека има доволни количества на јаглен во неготинскиот регион за наредните 30 години. Дел од македонските експерти, веќе во 2011 година ја пласираа идејата дека постојната котелска постројка во ТЕ „Неготино“ ќе може да се преорентира од мазут на јаглен.

 

Последната најава за заживување на ТЕ „Неготино“ дојде од македонската влада во февруари 2012 година. Во владината одлука за искористување на рускиот клинишки долг за изградба на магистралниот гасовод од Клечовце до Неготино се најде и идејата за пренамена на сегашниот енергетски капацитет од термоелектрана во електрана на природен гас. И додека се редат бројните идеи за тоа како треба да се развива ТЕ „Неготино“ во иднина, термоелектраната во изминативе осум години се користи единствено како ладна резерва во електропреносниот систем на Македонија.

 

За важноста на неготинската термоелектрана за нашата земја говорат основните податоци што се однесуваат на неа. Централата е трет електроенергетски капацитет по големина во Македонија, со производствена моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 215 мегавати. Објектот изграден во 1978 година во моментов може да го користи мазутот за производство на електрична енергија.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk