Општина Центар забрани градежни активности на просторот помеѓу улиците „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Македонија“. Забраната ќе важи до 30 септемрви и неофицијално се тврди дека општинското раководство презело ваков чекор со цел да им излезе во пресрет на барањата на граѓаните засегнати од најавената изградба на катна гаража спроти Старата железничка станица, на паркингот кај „Автомакедонија“. Одлуката едногласно ја донесе мнозинството советници во Советот на Општината на вонредна седница во саботата, на која не присуствуваа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Во текот на 2013 и 2014 година, Општина Центар два пати правно интервенираше за да ја спречи изградбата на катната гаража, но под притисок на централната власт мораше да отстапи. Спорниот објект имаше проблеми и со Дирекцијата за заштита и спасување, која во два наврати издаваше негативни мислења околу стандардите за заштита при пожари и евакуација, но следеа промени во правилникот, по што беше издадено позитивно мислење по основ на проектот, за веднаш потоа правилникот да се врати во првобитна состојба.
Фирмата „Никофон“, која е сопственик на земјиштето и инвеститор на објектот еднаш веќе се обиде да го огради просторот и да оформи градилиште, но жителите од околината остро се спротивставија. „Никофон“ ја купи од државата парцелата со површина од 1.245 метри квадратни во јуни 2012 година и за неа плати 100 евра за метар квадратен, односно вкупно околу 124 илјади евра. Покрај простор за паркирање, инвеститорот ќе може до 15% од објектот да намени за мали комерцијални и деловни дејности, големи трговски единици, големи угостителски единици или пак за деловни дејности. „Никофон“ е обврзан да гради во „барокен“ стил, според веќе избрано идејно решение од страна на државата.