Нова двоколосечна пруга со максимална брзина на движење на возовите од 160 километри на час, нова едноколосечна пруга која ќе се гради покрај постоечкиот автопат Скопје – Велес или пак темелна реконструкција на постоечката пруга од Драчево до Велес се трите можни сценарија за поквалитетно железничко поврзување долж Коридорот 10 во Македонија. Реализацијата на овој проект во наредните години би се остварила, доколку Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) се одлучи да ја гради хидроелектраната „Велес“ близу Башино Село, која е дел од проектот „Вардарска долина“, со што дел од пругата Скопје – Велес ќе биде потопена и ќе мора да се дислоцира.
На вчерашната презентација, компаниите што ја изработуваат проектната документација ги обелоденија досегашните реализирани активности од подготовката на физибилити студијата, проценката за исплатливост на инвестицијата и студијата за оценка на животната средина и социјалните аспекти. Македонската фирма „ДЕКОНС ЕМА“, како подизведувач на проектната документација, до крајот на август треба да ја изработи првичната верзија од студијата за оценка на животната средина за овој проект, додека во претстојниот период треба да се завршат и физибилити студијата и анализата за исплатливост на дислокацијата на оваа пруга.
Врз основа на направените анализи, од понудените три варијанти, како најповолна и преферирана траса што ќе ги поврзува Скопје и Велес е избрана двоколосечната пруга во должина од 32,6 километри. Таа би се реализирала од десната страна на реката Вардар, по неа возовите би се движеле брзина од 160 километри на час и во нејзини рамки би се изградил најдолгиот тунел во Македонија со должина од девет километри. Оваа солуција вклучува изведба на тунели во вкупна должина од 10,7 километри, мостови со вкупна должина од 470 метри и галериски простор со должина од 300 метри. Покрај ваквото сценарио, проектантите нудат верзија за изградба на нова пруга која би минувала покрај постоечкиот автопат од Скопје кон Велес во должина од 36,5 километри, која финансиски би чинела речиси идентично на претходната верзија, но би овозможила движење на возовите со максимална брзина од 120 километри на час.
Проектантите нудат и трета опција за реконструкција на постоечката железничка делница која би ја задржила сегашната траса и со чиј ремонт би се подигнала брзината на возовите на 120 километри на час. Избраните консултанти ги предложија овие три солуции врз основа на изработениот проект за дислокација на пругата од страна на Градежниот факултет во 1982 година. На вчерашната средба со свое мислење излезе и претставникот на ЕЛЕМ, според кого најисплатлива варијанта е да се изгради нова пруга за поврзување на Скопје и Велес која што би минувала преку Свети Николе. Тој истакна дека хидроелектраната „Велес“ треба да се изгради до 2030 година, а за овој енергетски објект веќе е изработен идеен проект и неговата проценета вредност изнесува 251 милиони евра. Според државната компанија, дислокацијата на пругата би се извела во рок од три години, додека изградбата на хидроелектраната би завршила во период од седум години.
Врз основа на потребата за санација на железничкиот Коридор 10, во 2012 година од европската ИПА програма за регионален развој се издвоија 1,4 милиони евра за изготвување на проектната документација за реконструкција и изградба на пругата од Драчево до Велес, за реконструкција на секцијата од Куманово до Дељадровце и од Битола до Кременица. Австриската „ИЛФ Консалтинг“ (ILF Consulting Engineers), заедно со подизведувачот „ДЕКОНС ЕМА“ во моментов работат на подготовка на документацијата за пругата од Драчево до Велес, додека проектите за останатите две делници се во понапредна фаза на изработка.