Претходна статија
До крајот на годинава Штип ќе добие мултимедијален центар
Следна статија
Како до изградба на енергетски ефикасен објект?

Изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ставена под знак прашање

Објавено на 23.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Потенцијалната опасност за уништување на биодиверзитетот во Националниот парк „Маврово“ постана тема на интерес и на водечките светски медиуми. Лондонскиот весник „Гардијан“ пред неколку дена објави опсежен текст за загрозувањето на екосистемите и живиот свет во Југоисточна Европа, меѓу кои е и предупредувањето за можноста од истребување на балканскиот рис во Националниот парк „Маврово“ со изградбата на хидроелектраната „Бошков мост“ и акумулацијата „Луково поле“. Весникот во својот текст ја објавува информацијата дека Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) е на работ на откажување од инвестирање во изградбата на хидроелектраната „Бошков мост“.

 


* Недопрената природа на река Радика

 

 

Од ЕБРД за „Гардијан“ посочуваат дека финансиските средства во висина од 65 милиони евра сè уште не се исплатени, но и дека во моментов се прави новата проценка на влијанието врз животната средина од изградбата на овој енергетски објект. Според неофицијалните информации на весникот, многу е веројатно дека оваа меѓународна финансиска институција ќе мора да се оддалечи од проектот за изградба на хидроелектраната „Бошков мост“. И покрај ретерирањето од ЕБРД, Светска банка и понатаму останува на својот став да инвестира 70 милиони евра во изведбата на планираната акумулација „Луково поле“.

 

 

И покрај противењата на локалното население од дебарскиот регион, на домашните и на меѓународните еколошки организации, македонската влада не се откажува од реализацијата на двата енергетски проекти. За последен пат, Владата на Република Македонија со свој официјален став за проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ излезе во јануари 2014 година. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев тогаш посочи дека двата енергетски проекти се стратешки за земјата и дека со нивната реализација би се постигнале ефекти во развојот на енергетиката, но и во целокупниот економски развој на земјата.

 

 

Бојан Блажевски