Пробиени се 83 отсто од трасата на автопатот Кичево – Охрид. Изградбата на делницата во должина од 57 километри се очекува да се заврши во договорениот рок – почетокот на 2018 година. Овие информации денеска ги обелодени претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски при неговата посета на Кичево. „Тоа е голема инвестиција, голем зафат, со голем број вработувања. Работите одат во добра насока. Ангажирани се голем број фирми“, изјави Груевски. Тој дополни дека на изведбата на автопатот во моментов работат 1.200 градежни работници.
Автопатот од Кичево до Охрид се гради повеќе од две години. Изведувач на градежните работи е кинеската компанија „Синохидро Корпорација“, која ангажираше неколку македонски подизведувачи. Проектот се финансира преку заем од кинеската Ексим банка во висина од 374 милиони евра. Дел од автопатот ќе бидат и 22 мостови вијадукти, 7 армирано – бетонски мостови, шест надпатници и 13 подпатници. Трасата го вклучува и тунелот „Пресека“ со должина од 1.990 метри.