Претходна статија
ТЕМА: Во 2018 година Македонија треба да добие два нови автопати
Следна статија
Саат кулата во Неготино ќе чека подобри времиња за реставрација

Изготвен уште еден документ од проектот за пругата Крива Паланка – Деве Баир

Објавено на 09.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Третата делница од изградбата на пругата кон Бугарија доби нов документ. Изработена е Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти од изградбата на железничката пруга од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Овој документ дава детални мерки за превенирање на евентуалните влијанија од оваа железничка траса во предградежната, градежната и оперативната фаза на проектот. Очекувањата на експертите се дека пругата нема да има негативно влијание врз заштитата на животната средина, но доколку се испочитуваат предложените мерки за намалување на негативните влијанија.

 

 

Пругата кон Бугарија би имала најмало негативно влијание врз животната средина, во споредба со реконструкцијата на постојниот пат и евентуалната изградба на експресен пат од Крива Паланка до Деве Баир. Експертите во изработениот документ предупредуваат на штетните влијанија од паралелната изградба на двата инфраструктурни проекта, но и од можните кумулативни влијанија од постепената изградба на пругата и експресниот пат кон Бугарија.

 

„Доколку сите проекти се активни во исто време, интензитетот на кумулативните влијанија ќе биде значително поголем, при што може да се јават потешкотии или да се оневозможи имплементацијата на мерките за нивното намалување или избегнување“ посочуваат експертите. Како сензитивни подрачја при изведбата на пругата се наведени: Клисурата на Киселичка река, подрачјето Герман – Козјак и Осоговските Планини.

 

Изградбата на пругата од Крива Паланка до Деве Баир би започнала во 2021 година, а нејзиното пуштање во употреба би било во 2025 година. Во моментов тече изготвувањето на проектната документација за оваа траса. Познато е дека идната пруга ќе има должина од 23,4 километри, вклучувајќи 22 тунели и 52 моста. Должината на тунелите ќе изнесува девет километри, а спектакуларни пет километри од трасата се предвидени за мостови.

 

Тунел од еден километар ќе минува под градското подрачје на Крива Паланка, а границата меѓу двете соседни земји ќе се наоѓа во тунелот „Деве Баир“, долг 2.383 метри. На пругата меѓу Крива Паланка и преминот Деве Баир ќе биде лоцирана една железничка станица и едно стојалиште. Проектната и тендерската документација за пругата ја изготвува конзорциумот, составен од ИДОМ, АДТ ОМЕГА и ЖДП. Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти ја изготви „ДЕКОНС – ЕМА“ од Скопје. Подготовката на целокупната документација е финансирана од Европската Унија.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk