Планираниот туристички комплекс „Етно село Пирго“ во струмичката општина Ново Село е поблиску до реализација. Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го одбра конкурсниот труд на бирото „Сатн – арт“ од Куманово за победнички на распишаниот Конкурс, на кој беа доставени три дела од архитектите. Прворангираното идејно решение се стекна со наградата во износ од 100.000 денари. Жири – комисијата ја додели втората награда во висина од 50.000 денари на решението од бирото „Тетракс“ од Скопје, додека третата награда во износ од 30.000 денари и припадна на Ива Павловиќ – Латас. По завршувањето на оваа фаза, во следната етапа треба да се изработи основниот проект.
Редакцијата на „Билд“ се обиде да стапи во контакт со одговорните лица од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, но оттаму не добивме подетални информации и визуелни материјали за проектот. Она што засега се знае е дека туристичкиот комплекс ќе се простира на површина од 14,2 хектари. Проектот „Етно село Пирго“ ќе се состои од традиционални куќи за ноќевање, сувенирници, ресторан, занаетчиски работилници и винарска визба.
Туристичкиот комплекс треба да се гради над селото Мокриево, помеѓу Смоларските и Колешинските водопади, на местото на кое се водела битката на Беласица во 1014 година. Подготовката на техничката документација се одвива со финансиска поддршка на ГИЗ РЕД и на општина Ново Село.