На повторениот Конкурс за избор на идејно решение за новата управна зграда на Јавното претпријатие „Водовод и Канализација Скопје“, првата награда ја доби трудот на архитектот Жарко Чаушевски. Зградата ќе биде во „барокен“ стил и ќе се гради на локацијата на постојните бараки на претпријатието, покрај улицата Лазар Личеноски. Администрацијата на „Водовод и Канализација“ е сместена во нив уште од далечната 1964 година. Со Деталниот урбанистички план е предвиден објект со приземје и пет ката и максимална висина до венец од 21 метар. Површината за градба е 962 метри квадратни, а најголемата дозволена бруто развиена површина изнесува 5.772 метри квадратни. Во рамки на парцелата треба да бидат обезбедени 115 места за паркирање, за што се предвидени две подземни полунивоа. Изградбата ќе стартува во текот на 2011 година и треба да заврши за најмногу три години.
Конкурсната комисија одлучуваше помеѓу 9 пријавени трудови. Авторот на победничкото решение освои 190.000 денари, а откупени беа уште три, за кои ќе бидат исплатени по 70.000 денари. На претходниот конкурс пристигнаа само два труда и обата беа отфрлени со образложение дека не ги исполнуваат бараните услови во целост.
Форумска дискусија за овој проект » овде