„SAFEGE Consulting Engeneers“, која е подружница на француската компанија „Suez Environnement“ ќе и помага на Агенцијата за државни патишта при комплетирањето на патниот Коридор 10 во Македонија. За сума од 1,4 милиони евра, „SAFEGE“ во период од 6 години и 2 месеци ќе обезбедува техничка подршка при имплементацијата на инфраструктурните работи врз автопатот Демир Капија – Смоквица. Консултантот исто така ќе треба да ги надгради капацитетите на вработените во Агенцијата, за развој, имплементација, мониторинг и надзор на инфраструктурните проекти финансирани од ИПА фондовите, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Понудата на „SAFEGE“ е избрана според критериуми во кои техничкиот дел учествува со 80%, а цената со 20%.
„SAFEGE Consulting Engeneers“ досега во Македонија има работено на проекти поврзани со реконструкцијата на домови после воениот конфликт од 2001 година, подобрување на регулаторната рамка за воздушниот сообраќај, техничка помош на Владата за спремање на документи од ИПА програмата, како и ревизија на работите врз локални и регионални патишта.
Тендерот за изведувач на градежните работи на автопатот Демир Капија – Смоквица е во тек и на него се пријавени 15 странски компании. Според информации на телевизијата „Алфа“, најсериозен кандидат е италијанска компанија која понудила најниска цена од 182 милиони евра. Највисоката понуда била речиси 400 милиони евра.