Претходна статија
Новото училиште во Капиштец конечно доби „амин“ од Министерство за финансии
Следна статија
Пролетна градежна офанзива на Општина Центар

Избори се ближат – проектот „Вардарска долина“ пак се актуелизира

Објавено на 23.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Две години откако се откажа од проектот „Вардарска долина“, македонската влада сега повторно го извади од фиока. Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска објавија тендер за избор на консултантска куќа што ќе подготви префизибилити студија за „Вардарска долина“. Советодавниот документ е проценето дека ќе чини 7,6 милиони денари. Се очекува најновите консултации за енергетскиот проект да траат 12 месеци. Пред да започне изработката на документот, заинтересираните советодавни компании имаат рок до 12 април за да ги достават своите понуди до ЕЛЕМ.

 

 

 

За мегапроектот „Вардарска долина“ веќе се изработени серија од документи кои покажуваат колку ќе чини изведбата на 12 средни и мали хидроелектрани по течението на реката Вардар. Во 2014 година во изработената физибилити-студија беше наведено дека нивната изградба би ја чинела земјава дури 1,9 милијарди евра, кои треба првенствено да се потрошат за дислокација на железничката пруга од Коридорот 10. Македонската влада пред седум години распиша и тендер за проектот „Вардарска долина“. Извршната власт пред пет години потпиша меморандум за разбирање со Кина (Кинеската развојна банка и Кинеската меѓународна корпорација за води и електрична енергија).

 

Планираните 12 хидроелектрани по течението на реката Вардар е зацртано да имаат вкупна инсталирана моќност од 320 мегавати, која е двојно помала од онаа на РЕК „Битола“. Со мегапроектот се отвора можноста за реализација на каналот Морава – Вардар – Егејско море, на која српската влада интензивно лобира кај Кина во изминативе неколку години. Токму оваа азиска земја е заинтересирана и за изградба на брзата пруга од Будимпешта преку Ниш, Скопје и Солун до Атина. Последните проценки на експертите од пред неколку години велеа дека не постои исплатливост да се инвестираат толкави финансиски средства во проектот „Вардарска долина“.

 

 

» Форумска дискусија за прокетот „Вардарска долина“

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk