Претходна статија
Потпишани договорите за реализација на топлификацијата во Битола
Следна статија
Граѓаните од дома можат да извадат имотен лист

Итна седница на Сенатот на УКИМ за изградбата на нови објекти во кампусот

Објавено на 29.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Сенатот на скопскиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ на итна седница ќе расправа за изградбата на два нови факултети во кампусот на УКИМ. Група од 21 сенатори, од вкупно 68, се потпишаа на барањето на Професорскиот пленум да се дебатира во однос на неколку прашања поврзани со овој проект. Дел од сенаторите сметаат дека треба да се расчистат сите дилеми поврзани со изградбата на „барокните“ објекти. Професорскиот пленум денеска се обиде да влезе во зградата на Ректоратот за да присуствува на редовната седница на Сенатот на УКИМ. Универзитетските професори беа спречени да присуствуваат на седницата, но затоа добија поддршка кај дел од сенаторите да се расправа на оваа тема на итна седница.

 

 

По барање на Професорскиот пленум, итната и јавна седница на Сенатот на УКИМ би требало да се одржи најрано на 8 – ми, а најдоцна на 15 – ти јануари 2016 година. Пленумците бараат да се одговори на прашањата: дали и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на Универзитетот во доцните ноќни часови; дали имало официјален повик, кој го издал и заради што го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот; и да се даде информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на кампусот.

 

 

 

Во меѓувреме, градежната оператива забрзано ги изведува подготовките за отпочнување на изградбата на двата „барокни“ објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Покрај исечените дрвја, во изминатиов период започна ископувањето на градежната јама. За проект, од Министерството за образование и наука планираат да потрошат околу 20 милиони евра.

 

 

» Форумска дискусија на оваа тема