Општина Демир Капија денеска продаде шест градежни парцели на три локации во близина на ова населено место. Една парцела со површина од 19.938 метри квадратни е наменета за изградба на откупно – дистрибутивен центар за земјоделски производи во месноста Шичка река, на четири парцели од месноста Попова кула ќе се градат објекти од лесната и незагадувачка индустрија, додека во близина на локалитетот Дошница ќе се гради станбена куќа. Вкупната површина на отуѓеното државно земјиште е 26.441 метри квадратни, а од неговата продажба локалната самоуправа ќе инкасира 1.926.567 денари или околу 31 илјади евра.
Инвеститорите најпрво ќе треба да ги уплатат паричните средства за земјиштето, по што е планирано да склучат договор за купопродажба со општината. Градежните дозволи за изградба на индустриските објекти ќе мора да ги обезбедат во рок од девет месеци, освен за локацијата за откупно – дистрибутивниот центар, за која е дозволен рок од 12 месеци.